пр слика

Ротари клуб Скопје Вест почна национална кампања за превенција од шумски пожари

Ротари клуб Скопје Вест официјално ја почна националната кампања за подигнување на јавната свест под наслов „Една искра, цела шума“ со цел да се укаже на причините и последиците од шумските пожари во Македонија.Со слоганот „Не пали – чувај!“, кампањата пренесува силна и директна порака: 95% од шумските пожари во земјава се предизвикани од човечка небрежност а не од природни појави како гром или суша. Од фрлени отпушоци, преку непокриени камперски огнови до намерни палења – опасноста често започнува од мали, но кобни постапки.

„Секое ‘ништо страшно’ завршува со чад над целиот регион. Секое ‘само мал пламен’ се претвора во стотици хектари пепел,“ предупредуваат од Ротари клубот.
Преку визуелни материјали, активности на социјалните мрежи, едукативни настани и соработка со локални институции, кампањата повикува на лична одговорност и превенција. Таа има цел да ја поттикне секоја индивидуа да размисли двапати пред да направи нешто што може да ја загрози шумата, животната средина и човечките животи.Кампањата, исто така, ја истакнува важноста на брзото пријавување. Граѓаните се потсетуваат дека секој забележан пожар треба веднаш да се пријави на:

193 – Противпожарна служба
112 – Центар за итни случаи
02/3249-444 – Центар за управување со кризи

„Веруваме дека подигнувањето на јавната свест, особено во летниот период со висок ризик, е клучен чекор за зачувување на нашите шуми и природното наследство,“ изјави претседателот на Ротари клуб Скопје Вест, Дејан Стојаноски.Кампањата ќе трае низ целиот летен период а сите граѓани се поканети да се приклучат на движењето и да ја споделат пораката преку социјалните мрежи со хаштаг:
#НиеСмеГласотНаШумата
#ЕднаИскраЦелаШума
#НеПалиЧувај

Оваа национална иницијатива е дел од пошироката мисија на Ротари Интернационал за заштита на животната средина и поттикнување на граѓанската одговорност. Кампањата ја спроведува Ротари клуб Скопје Вест, со поддршка од Сојузот на Ротари клубови на Македонија и Ротари Дистрикт 1912.За повеќе информации или за соработка, контактирајте нè на: rc.skopjewest@gmail.com

Comments are closed.